Со искра од пиезо елемент се иницира реакција во грмлив гас што се наоѓа во мала ракета изработена од пластична пипета.
Материјали
Две епрувети 12 mm x 75 mm, две единечни сталки за епрувети, една пластична пипета и две пластични пипети со капилара, шприц од 10 mL, три медицински игли за шприц (0,8 mm / 40 mm), изолир лента, клешти за сечење (цвицангли), лепак (охо), парче хартија за изработка на ракетните стабилизатори, запалка за цигари со пиезо елемент, силиконски пиштол, две парчиња дрво или иверка, приклучна жица со крокодилки, ножици или скалпел и пинцета.
Хемикалии
Две гранули цинк, 4 mL 1:1 HCl, 5 % раствор од водород пероксид, зрно од 1:1 цемент и MnO2 (според проф. Виктор Обендрауф).
Совети за безбедност
Носете заштитни очила! Врвот од медицинската игла е остар и опасен! Мора да бидете внимателни додека ја забодувате иглата во пипетата.
Секогаш користете медицински игли со голем дијаметар (0,8 mm -1,2 mm) со цел да се избегне случај на затнувањето кога е можна реакција на реагенсот со металот од иглата. |
Постапка
Прв чекор: Направете пиезо запалка
Расклопете ја запалката со отстранување на металниот дел и пластичното копче. Извадете го пиезо елементот. Направете дупки на парчето дрво или иверица за пиезо елементот и жицата. Жицата со крокодилките исечете ја на две на половината должина. Едната жица со едната крокодилка протнете ја низ отворот од парчето дрво и потоа извлечете ја со пинцета. Отстранете ја нејзината изолација во должина од 4 cm. Намоткајте ја бакарната жица околу металниот цилиндар на пиезо елементот. Загрејте го пиштолот за топење на силиконските прачки. Додајте стопен лепак на металниот цилиндар и ставете го во отворот на парчето дрво. Поврзете ја жицата од пиезо елементот со второто парче жица со крокодилка. Користете силиконски лепак за да ги прицврстите жиците и нивниот контакт за дрвената површина. Поставете ги крокодилките на мало растојание (~ 1 mm или помалку) и притиснете го пиезо елементот со цел да го тестирате. Пожелно е да се изврши тест и пред да се почне со лепење. |

Сл. 1. Полнење на ракетата со "гориво" |
Втор чекор: Изработка на ракета
Исечете ја пипетата. Изработете стабилизатори од хартија и залепете ги за пипетата со помош на синтетско лепило (охо). Оставете ја ракетата да се исуши лепилото.
Трет чекор: Направете лансер
Прицврстете жица за цилиндрично стапче чиј дијаметар одговара на дијаметарот на отворот од ракетата. Жицата треба да се протега од врвот на стапчето каде краевите треба да се наоѓаат на мало растојание за да може да отскокне искра при употреба на пиезо запалка. Стапчето се става во отвор од парче дрво или иверка кое има улога на подножје на лансерот. Краевите од жицата се поврзуваат со пиезо запалка.
Четврт чекор: Пригответе гориво
Пригответе 10 mL гасна смеса од 2 дела водород и еден дел кислород во шприцот.
Петти чекор: Лансирање на ракетата
Ставете игла на шприцот со грмливиот гас и неа внесете ја во ракетата како што е прикажано на Сл. 1. Наполнете ја ракетата со гасот и поставете ја на лансерот.. Пред да ја лансирате ракетата водете грижа да ја лансирате во “празен” простор.
Создадете искра во ракетата со притискање на копчето од пиезо запалката. |